ПРАВИЛА ЗА ДЕТСКИ ЛИКОВЕН КОНКУРС НА ПЕНЗИЈА.МК

ПРАВИЛА ЗА ДЕТСКИ ЛИКОВЕН КОНКУРС НА ПЕНЗИЈА.МК„Заштити ги твоите пари, обезбеди ја твојата иднина”.

Агенцијата МАПАС и пензиските друштва активно продолжуваат со едукативни активности во текот на месец март кои се поврзуваат и со одбележувањето на  Глобалната недела на парите 2024, осврнувајќи се на овогодинешната тема: „Заштити ги твоите пари, обезбеди ја твојата иднина”

Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување – МАПАС, продолжува континуирано со своите едукативни активности за младите и во текот на месец март и  Глобалната недела на парите 2024,  во соработка заедно со пензиските друштва КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, Сава пензиско друштво АД Скопје и Триглав пензиско друштво АД Скопје ќе спроведат повеќе активности за подигање на финансиската  свесност за потребата од континуирана финансиска едукација со цел носење на правилни финансиски одлуки и успешно управување со личните финансии и фамилијарниот буџет. Високата финансиска свесност е основа за носење на правилни финансиски одлуки кои влијаат на квалитетот на животот и обезбедување на финансиска сигурност и посигурни пензионерски денови во иднина. Познавањето на предностите на долгорочно штедење и правилното инвестирање е клучот на сигурност во иднината и затоа, нашата цел е насочена кон едукација на граѓаните, но и младите од најрана возраст за придобивките и можностите на задолжителното и доброволното капитално финансирано пензиско осигурување.

Едукативната кампања на тема „Заштити ги твоите пари, обезбеди ја твојата иднина” се фокусира на потребата од подигање на свесноста за правилното планирање и долгорочното штедење на  личните финансии уште од најрана возраст и јакнење на свесноста за обезбедување на посигурни пензионерски денови.  

Едукативните активности во текот на месец март и за време на Глобалната недела на парите годинава главно ќе се одвиваат преку спроведување на ликовен конкурс за деца на возраст од 4-14 годишна возраст, едукативни предавања со физичко присуство  и објави на едукативни материјали на интернет страниците на институциите и социјалните мрежи. Предавањата ќе бидат наменети за учениците од средните училишта и факултетите од нашата земја на теми од областа на финансиите и пензискиот систем со посебен осврт на капитално финансираното пензиско осигурување.

Почетокот на едукативната кампања ја започнуваме на 04.03.2024 година со објавување на ЛИКОВЕН КОНКУРС за сите деца кои се државјани на Република Северна Македонија на возраст од 4 до 14 години како едукативна активност за одбележување на „ГЛОБАЛНАТА НЕДЕЛА НА ПАРИТЕ 2024”.

Повеќе информации за едукативните активности на страната: https://penzija.mk/

Како да ги балансирате заштедите за пензионирање со другите финансиски цели

Грижата за личните финансии не е воопшто лесна работа. Но, исклучително е важна, а и неизбежна. Оваа лекција си ја повторуваме секој пат кога ќе останеме без пари пред крајот на месецот. Затоа е вистинско време да си дадеме предвизик за штедење. А како да издвоиме средства за штедење покрај сите други трошоци?

Првиот чекор е дефинирање на целите што сакаме да ги постигнеме. Балансирањето на пензиските заштеди со другите финансиски цели, како што се отплата на долг, заштеда за нов дом или реновирање, може да ви помогне да постигнете поефикасен финансиски план.

Со цел да ви овозможиме поубава сегашност во процесот на креирање поубава иднина, споделуваме неколку совети за постигнување на ефикасен финансиски баланс:

1.Идентификувајте ги вашите финансиски цели

Првиот чекор во балансирањето на вашите пензиски заштеди и останатите финансиски цели е да се идентификуваат кои се тие цели – отплата на заеми, заштеда за дом или возило, креирање на личен фонд за итни случаи или финансирање на образованието на вашите деца. Направете листа на вашите финансиски цели и рангирајте ги по важност.

2. Одредете ги вашите приоритети

    Откако ќе ги идентификувате финансиските цели, важно е да ги одредите вашите приоритети. Ова значи да одлучите на кои цели треба да работите веднаш, а кои може да почекаат. На пример, ако имате долг од кредитна картичка со висока камата, има смисла да се даде приоритет на тоа да се исплати пред да ги зголемите вашите заштеди за пензија. Од друга страна, ако немате големи долгови, корисно е да се фокусирате на зголемување на вашите пензиски заштеди што е можно поскоро.

    3. Направете буџет

    Креирањето буџет е суштински чекор во постигнувањето на добар финансиски план. Тоа ви овозможува да видите каде одат вашите пари и да направите прилагодувања по потреба. Кога го креирате вашиот буџет, погрижете се да ги вклучите и вашите придонеси за пензиска заштеда и другите цели и потреби. Ова ќе ви помогне да видите колку реално можете да си дозволите да придонесете за секоја цел.

    4. Автоматизирајте ги вашите заштеди

    Еден од начините на кој може да се осигурате дека ги балансирате вашите заштеди и финансиски цели е да ги автоматизирате заштедите. Поставете автоматски префрлања на сметките за пензионирање и другите цели за штедење секој месец. Така постојано и редовно ќе штедите за сите ваши цели без да размислувате за тоа.

    5. Редовно проверувајте го вашиот план

    Многу е важно редовно да го ревидирате финансискиот план. Вашите приоритети и цели може да се променат со текот на времето, а буџетот можеби ќе треба соодветно да се прилагоди. Прегледајте го вашиот план барем еднаш годишно за да бидете сигурни дека сте на добар пат да ги постигнете сите финансиски цели.

    На заштедата за пензија треба да мислите и да работите што е можно поскоро, за да ѝ дадете време да порасне во сума што ќе ви донесе сигурност во пензионерските денови. А за да обезбедите можност за континуирано и стабилно штедење, пожелно е да направите план за балансирање на финансиските цели.

    Прочитајте тука зошто е важно уште денес да почнете да размислувате за инвестирање во вашата пензија.

    Зошто треба денес да размислувате за инвестирање во вашата пензија?

    Пензионирањето е нешто што многу луѓе го очекуваат и го замислуваат како слободно време за себе и саканите, без брзото темпо и грижите што ги мачат денес. Но, не секој ги презема неопходните чекори за да се подготви за безгрижна пензија. Носењето на ваков тип одлуки бара претходна посветеност за едукација и истражување, па одложувањето на одлуката изгледа многу полесно, особено кога сте млади и штотуку ја започнувате кариерата.

    Сепак, вистината е дека колку порано почнете да инвестирате во вашето пензионирање, толку ќе бидете финансиски посигурни во подоцнежните години. А што се однесува на едукацијата, ние сме тука да ви помогнеме да го разберете пензискиот систем и да креирате одржлива иднина за себе. 

    Дали знаете колку средства ви се потребни за пензионерските денови?

    Многу луѓе ја потценуваат сумата на пари што ќе им биде потребна за да го финансираат своето пензионирање и претпоставуваат дека ќе имаат доволно приходи за да ги покријат нивните трошоци. Сепак, реалноста е дека постои можност средствата од основната пензија да не се доволни за да ви овозможат удобен живот. Ова е главната причина зошто е важно да почнете да размислувате за дополнително инвестирање во вашето пензионирање уште денес.

    Предности на навременото штедење за пензија

    1.Времето е на ваша страна

    Една од најголемите предности на започнување со инвестирање за пензионирање е моќта на времето. Односно, колку подолго време ја имате и надополнувате вашата заштеда, толку повеќе средства ќе обезбедите со текот на времето. Колку подолго вашите пари остануваат инвестирани, толку повеќе време имаат да растат.

    2.Поквалитетен пензионерски живот

    Друга причина да започнете да инвестирате во вашето пензионирање денес е квалитетот на живот кој ќе можете да си го овозможите без солиден и навремен план за штедење тие години може да ви поминат во грижи за покривањето на основните трошоци за живот. Раното започнување и постојаното штедење за пензионирање може да помогне да се осигурате дека имате доволно пари за да уживате во удобно пензионирање.

    3.Нема да згрешите ако почнете веднаш

    Без разлика дали штотуку започнувате да работите или сте поблиску до возраста за пензионирање, никогаш не е рано (или предоцна) да започнете да инвестирате во вашата иднина. Секое дополнување на вашата пензија значи чекор поблизу до уживање во пензионерските денови без грижи.

    Доброволните пензиски фондови се формирани со цел на граѓаните да им се овозможи да ја надополнат пензијата од Првиот и Вториот пензиски столб и да си осигураат дополнителни примања за старост.

    Почнете да инвестирате рано и направете го планирањето за пензионирање еден од вашите приоритети. Ќе бидете благодарни на себе за оваа одлука во годините што доаѓаат.

    Како едукацијата ти помага да донесуваш подобри одлуки

    Еколошката и финансиската писменост се две многу важни теми на кои треба да се посвети внимание од најрана возраст. Навиките за штедење и чување на природните ресурси помагаат во градење на поубава и посигурна иднина и на лично и на општествено ниво. Но, за да имаш мотив да градиш навики и да донесуваш одлуки треба да знаеш зошто и како да го правиш тоа.

    Како пензиски друштва нашата главна улога е да едуцираме, советуваме и дејствуваме во правец на посигурна финансиска иднина за пензионерските денови на нашите членови, а со кампањата „Засади желба“ правиме паралела на долгорочните ефекти од малите правилни одлуки и се грижиме за природата што нѐ опкружува. Оттаму, сакаме да ги споделиме и нашите знаења за правилните одлуки во правец на одржлива иднина за сите нас.

    Зошто е важна вештината за донесување одлуки?

    Вештината за донесување одлуки ја мери способноста на поединецот да ги процени сите можни исходи и да ја избере најисплатливата и најповолната опција од сите достапни.

    Оваа конкретна способност да се избере најизводливата патека зависи од голем број други фактори – самодоверба, претходни искуства, вештина за прецизно проценување на ситуацијата и анализа на можните исходи. А сите овие фактори се поврзани со нивото на познавање на тематиката за која треба да се донесе одлука.

    Зошто е важно да се едуцираш за одржливи решенија и за пензиска заштеда

    Едукацијата е основен елемент на иницијативите за одржлив развој. Промената на однесувањето сега ќе биде од корист за здравјето и благосостојбата на идните генерации. Наша заедничка одговорност е да се погрижиме тоа да се случи.

    Едукацијата е исто така клучна за донесување на правилна одлука денес за она што те очекува во иднина. Потребно е да разбереш како функционира нашиот пензиски систем, што значи тоа за тебе кога ќе се пензионираш и како можеш да влијаеш на поголема финансиска стабилност во годините кога ќе ти биде најпотребна.

    Она што ги спојува овие два аспекти на твојата иднина е факторот време, односно секоја денешна одлука во правец на одржливи финансиски и еколошки решенија прави драстична разлика во следните 20, 30, 50 години.

    Оттаму, едукацијата ќе ти помогне:

    1. Да се подготвиш за иднината

    Едукацијата ти овозможува да направиш паралела помеѓу различните долгорочни ефекти од различните одлуки. Така можеш да ги усовршиш своите мисловни процеси и да донесуваш избори и одлуки на начин што е корисен и за тебе и за околината.  

    Одговорното одлучување, доколку се научи порано и со посебен фокус, ќе ти помогне во справувањето со ситуациите што те очекуваат. Ќе можеш да најдеш идеално и оптимално решение откако ќе ги анализираш сите можни исходи на изборите кои ти се на располагање.

    2. Да развиеш способност за социјално-емоционално учење

    Ова е концепт преку кој сите млади луѓе ги стекнуваат и ги користат знаењата и вештините потребни за да се развијат како одговорни и емпатични човечки суштества кои работат кон колективното добро, а не само кон нивните лични цели.

    Овој концепт се состои од неколку основни компетенции кои ќе ти помогнат да се развиеш на емоционално и социјално ниво, меѓу кои се самосвест, одговорно донесување одлуки и социјална свест.

    3. Да изградиш самодоверба за одлуките кои те очекуваат

    Психологијата го смета донесувањето одлуки за когнитивен процес кој резултира со избор на можна акција од неколку можни дејства. Недостатокот на развој на оваа вештина може да доведе до недостаток на самодоверба и неодлучност, што да ти застане на патот до најповолните решенија за твојата иднина.  

    Почни да дејствуваш на време. Едуцирај се за темите што се важни и почни да донесуваш одлуки кои ќе ти обезбедат посигурна иднина во годините кога треба да уживаш во плодовите од денешните избори.

     Следи ги нашите едукативни објави и активности на Фејсбук и Инстаграм. 

    Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

    Како да го надминеш стравот од иднината

    Ова не е текст за психолошко советување. Иако се базира на психолошки факти, оваа објава ја споделуваме со тебе за да ти дадеме практични насоки за справување со чувството на анксиозност за две важни теми кои нѐ засегаат сите нас, а се поврзани со иднината што нѐ очекува  во подоцнежните години – финансиската сигурност и климатските промени.

    Живееме во несигурно време и чувството на страв и вознемиреност за овие два аспекти од иднината се многу реални. Времето за пензија ќе си дојде природно, порано или подоцна. Тогаш финансиската стабилност и околината во којашто живееш ќе ти стануваат сѐ поважни, додека твојата способност да влијаеш на нив сѐ повеќе ќе се намалува.

    Стравот од иднината создава сериозни проблеми

    Кога гледаме сцени од климатски катастрофи на телевизија неизбежно е да почувствуваме длабока вознемиреност за нашата иднина и за иднината на нашите најблиски, што може да предизвика типични симптоми на анксиозност, како што се забрзување на отчукувањата на срцето или дишењето. Ова психолозите го нарекуваат „климатска анксиозност“.

    Истиот ефект го имаат и вестите за реформиран пензиски систем, предизвикувајќи страв од промени на кои треба да се прилагодиме и да донесуваме одлуки различни од оние што сме ги слушале од нашите родители, баби и дедовци. Стравот од иднината често е придружен со чувства на тага и лутина, што пак може да влијае на расположението, однесувањето и размислувањето.

    Како да се справиш со овие стравови?

    Неизвесноста од она што те очекува во иднина може да предизвика дополнителен страв од погрешен избор, што ќе те наведе на уште подлабоко размислување кое само го продлабочува проблемот. Затоа, важно е да почнеш да преземаш конкретни чекори кон справување со твоите грижи.

    1. Почни да планираш

    Правењето листа на работи кои ќе почнеш да ги правиш за својата иднина само по себе делува смирувачки. Направи листа на аспектите на коишто можеш да дејствуваш, како што се распоределбата на буџетот со којшто располагаш и сумата што можеш да ја издвојуваш за штедење за деновите во пензија, како и алтернативните избори што можеш да ги направиш за да дадеш свој придонес во справување со климатските промени.

    2. Направи промени кои ќе ти донесат решенија

    Во согласност со твоите планови, почни да ги менуваш своите навики во правец на градење на заштеда во твојот пензиски фонд, градење на еколошки навики како рециклирање на отпадот од домаќинството или повеќе возење велосипед отколку автомобил. Сознанието дека правиш чекори за подобрување на твојата иднина ќе го ублажи чувството на беспомошност што доаѓа со климатската и финансиската анксиозност.

    3. Стани дел од заедница со која делиш исти цели и вредности

    Секој предизвик е полесен кога знаеш дека имаш тим за справување со него. Пронајди пријатели или колеги со кои заеднички ќе дејствуваш за одржлива иднина и контактирај ги пензиските друштва кои ќе ти помогнат да преземеш акција. Со заеднички напори и споделување на идеи и знаења можеме да направиме големи промени.

    4. Поврзи се со природата

    Почни да поминуваш повеќе време во природа. Ова ќе ти помогне да го разбистриш умот, да го намалиш чувството на анксиозност, да се увериш дека вреди да се бориш за природните убавини и да се потсетиш на фактот дека секое дрво што го гледаш некогаш било само мало семе. Така и твојата пензиска заштеда која може да ти делува малечка кога ќе ја „посадиш“, со тек на времето сѐ повеќе ќе расте и ќе ти носи сѐ поголемо чувство на сигурност.   

    5. Фокусирај се на решенијата наместо на проблемите

    Многу е важно да се информираш за да можеш да дејствуваш. Но, претераната изложеност на вести за проблемите што те очекуваат од еколошки и финансиски аспект нема да ти помогне многу. Избери веродостојни извори на иформации за овие теми кои знаат да ти го објаснат проблемот, но истовремено нудат начини за нивно решавање, како што се пензиските друштва и здруженијата за сочувување на природата.

    Од страв до мотивација

    Со признавање на нашата климатска и финансиска вознемиреност и преземање чекори за нејзино решавање, можеме да ја претвориме во можност да научиме што можеме да направиме и да почнеме да го правиме тоа. Важно е да станеме свесни дека сè што правиме за да се избориме со овие предизвици ќе има голем ефект на долг рок.

    Приклучи се на нашата кампања „Засади желба за одржлива иднина“ со која целиме кон поголема едукација и акција во правец на справување со финансиските и еколошките предизвици кои нѐ очекуваат. И не заборавај да ги поттикнеш другите да го сторат истото, не знаеш на кого ќе му биде од помош да дознае дека може да влијае на поубава иднина за себе и за околината.

    Следи ги нашите активности на Фејсбук и Инстаграм и прочитај ги и другите едукативни објави.

    Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

    Малите промени во денешните навики прават голема разлика во иднината

    Сите ние имаме свесни или несвесни навики со чија промена можеме да направиме голема разлика за нашата иднина. Ако ги оставаш вклучени светлата дома, ги ставаш уредите во фаза на мирување, го оставаш полначот во штекер до следното полнење на телефонот или лаптопот, или загреваш вода во бојлерот „за секој случај“, имаме неколку совети за тебе.

    Како пензиски друштва, нашата главна цел е да помогнеме во обезбедувањето посигурна иднина со создавање на пензиска заштеда од денес. Затоа ни е важно да укажеме на различните решенија за заштеда на средства, но и за заштита на природата како клучен фактор во свесното донесување корисни и одржливи одлуки.    

    Еве неколку едноставни совети за поодговорно користење на електричната енергија во секојдневието:

    • Исклучувај ги сите електрични апарати кои не бараат репрограмирање по повторното вклучување. Фазата на мирување (stand by) ви создава непотребни дополнителни трошоци.
    • Исклучувај ги светлата пред напуштање на просторијата, и најмалата количина на струја на годишно ниво создава големи трошоци.
    • Користи ја машината за перење на помали температури и организирај ги полнењата за да го намалиш бројот на вклучувања.
    • Не употребувај машина за сушење кога времето е топло и можеш да ги исушиш алиштата на сонце.
    • Вклучувај го бојлерот кога имаш потреба.
    • Машината за садови вклучувај ја кога е полна за да го намалиш бројот на перења кои трошат и струја и вода.
    • Потруди се да завршиш што е можно повеќе активности со едно вклучување на компјутерот, а меѓу нив нека биде и проверката на известувања од твоето пензиско друштво, наместо да чекаш да ти стигне по пошта.

    Како е поврзано користењето на енергијата со одржлива иднина?

    Начинот на кој ја користиме енергијата може директно да помогне да се спаси животната средина. Заштедата на енергија го намалува загадувањето на воздухот и водата и ги зачувува природните ресурси, што пак создава поздрава животна средина за луѓето.

    Енергијата е клучен фактор за климатскиот предизвик, но и за неговото решение. Создавањето електрична енергија и топлина со согорување на фосилни горива – јаглен, нафта или гас – резултира со создавање на голем дел од стакленичките гасови како што се јаглерод диоксид и азотен оксид, кои ја покриваат Земјата и ја задржуваат сончевата топлина.

    Зошто е важно да размислуваме за енергетска ефикасност?

    Енергетската ефикасност дава голем број еколошки, но и финансиски придобивки. Намалувањето на употребата на енергија во вашиот дом ви заштедува пари, ја зголемува енергетската сигурност и го намалува загадувањето што се емитува од необновливите извори на енергија.

    Зошто е за нас важно да зборуваме за енергетска ефикасност?

    Како што секоја денешна заштеда на долг рок ќе направи голема разлика во вашата финансиска сигурност, така и секоја најмала поединечна постапка прави голема разлика за доброто на природата, а со тоа директно влијае на нашето здравје и здравјето на генерациите што доаѓаат. А што би ни значела финансиска сигурност без здравјето како најголемо богатство?

    Токму затоа, овој пат нашата кампања Засади желба е насочена кон обезбедување одржлива иднина, на која мораме заедно да работиме. Ти благодариме што го направи првиот чекор со тоа што си тука, на нашата веб страница. Би било супер да ни се приклучиш во активностите за општествена одговорност, но и за одговорност кон сопствената иднина. Следи нѐ на Фејсбук и Инстаграм  

    Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

    4 чекори до одржлив начин на живот

    Времето поминува бргу, а понекогаш тоа го сфаќаме доцна. Патот до поубава и посигурна иднина е долг, но позитивната страна е што со секој чекор, со секоја мала одлука можеме драстично да го промениме неговиот правец. Овој факт еднакво важи за околината која што нѐ очекува во иднината, како и за нашата лична финансиска сигурност.

    Нашата цел е да создадеме чувство на припадност во заедница која инвестира во подобра иднина за генерациите што доаѓаат, токму затоа сме тука да те насочиме кон едноставни чекори кои ќе ти ја обезбедат иднината што ја посакуваш.

    Како до почиста иднина?

    Со донесување на мали, но многу одговорни одлуки кон природата.

    • Рециклирај правилно

    Капацитетите за отпад рециклираат или компостираат само 35% од целиот комунален цврст отпад. Остатокот завршува на депонии и тоа многу често заради неправилна употреба на корпите за рециклирање. Батериите, пластиката, стаклото и производите од хартија мора да се селектираат во посебни канти за да можат правилно да се спроведат во процесот за рециклирање. Следи ги упатствата на пакувањата за да селектираш и рециклираш правилно.

    • Чувај ги природните ресурси

    Ова се однесува на потрошувачката на вода и струја во домот. Има многу мали промени што можеш да ги направиш за истовремено да го намалиш штетното влијание на природните ресурси и да ги намалиш трошоците за живот. Еве неколку идеи: вклучувај ја машината за миење садови само кога е полна, исклучувај ја чешмата додека ги четкаш забите, кога излегуваш од соба исклучи ги светлата, избирај енергетски ефикасни апарати. Иако овие промени може да ти изгледаат мали и незначителни, знај дека малите промени прават голема разлика. (линк до текстот со овој наслов)

    • Најди замена за производите за еднократна употреба

    Повеќето производи од нашето секојдневие кои што имаат еднократна употреба може да бидат заменети со исти такви производи кои што не придонесуваат кон зголемување на и така преголемиот отпад. Почни да користиш платнени торби наместо пластични ќеси, замени ги пластичните шишиња за вода со метални или стаклени, користи хартиени или метални сламки, користи платнени салфетки наместо хартиени, избегнувај производи направени или пакувани во пластика секогаш кога е можно.

    • Избирај алтернативни решенија за превоз секогаш кога си во можност

    Промената на твоите навики за превоз може значително да го намалат штетното влијание на природата, а и на твоето здравје. Секогаш кога можеш пешачи, вози велосипед, користи јавен превоз, а ако треба да користиш автомобил обиди се да ги организираш обврските на начин што ќе го намали бројот на возења.

    Како до посигурна иднина?

    Со навремено размислување за начинот на кој што управуваш со твоите финансии. Можеби ти изгледа дека е премногу рано да размислуваш за пензионирање, но времето до пензија доаѓа многу побрзо од што очекуваш. Затоа е многу важно да стекнеш навики за штедење. Постојат доброволни пензиски фондови кои се формирани со цел да ти овозможат надополнување на пензијата од првиот и вториот пензиски столб за да ти обезбедат дополнителни примања за старост. Ова се четирите главни продобивки од членувањето во доброволен пензиски столб:

    1. Дополнителен извор на средства

    Со заштедата од третиот пензиски столб си обезбедуваш дополнителен извор на средства независно од пензијата на Фондот за ПИОСМ и задолжителниот пензиски фонд во кој членуваш. Твојата акумулирана пензија ќе зависи од висината на доброволниот придонес што го уплатуваш и периодот на штедење.

    2. Флексибилно штедење

    Во доброволните пензиски фондови уплаќаш колку што можеш и кога сакаш.

    3. Можност за користење на средствата

    Без разлика кога планираш да се пензионираш, средствата од доброволниот пензиски фонд можеш да ги повлечеш најрано десет години пред возраста за стекнување право на старосна пензија во согласност со Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Исто така, средствата можат да се повлечат во случај кога кај членот е утврдена општа неспособност за работа од страна на Комисија за оцена на работната способност при Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, без оглед на возраста.

    4. Наследна компонента

    Во случај на смрт на член или пензиониран член на доброволен пензиски фонд, средствата од сметката на тој член може да се исплатат како наследство.

    Се надеваме дека ти помогнавме со корисни совети и информации. Прочитај ги и другите едукативни објави и следи нѐ на  на Фејсбук и Инстаграм, би ни било драго доколку се вклучиш во нашата капања за одржлива иднина со твои идеи и решенија.

    Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

    Улогата на пензискиот систем во Република Cеверна Македонија

    Пензискиот систем има значајна улога за едно стабилно и сигурно општество. Негова основна задача е да обезбеди материјална и социјална сигурност на поединецот.

    Пензискиот систем во нашата држава е составен од три столба. Првиот столб кој претставува пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност, вториот столб кој претставува задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и третиот столб кој претставува доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.

    Вториот и третиот  столб од пензискиот систем функционираат врз принципот на т.н дефинирани придонеси, односно кај нив однапред е определено нивото на придонеси кои се уплаќаат, додека пензијата/ пензискиот надоместок се утврдува дополнително во зависност од акумулираниот износ.

    Вториот столб,  е заснован врз принцип на собирање на средства преку плаќање на задолжителни придонеси од плата. Уплатените средства се акумулираат на индивидуални сметки. Во Вториот столб членуваат повеќе од 560.000*  членови со над  109* милијарди денари нето средства под управување.*

    Кога зборуваме за третиот столб, станува збор за доброволно пензиско осигурување исто така засновано на принцип на дефинирани придонеси. Но, разликата е во тоа што овој столб се базира на доброволна основа. Тоа значи дека висината и динамиката на уплатениот придонес ја одредувате сами. Истиот брои повеќе од 28.000* членови и нето средства повеќе од 2.9 милијарди денари.*

    Ако го споредиме бројот на членови во вториот и третиот столб лесно ќе може да забележиме дека во доброволното пензиско осигурување членува помал број од населението.

    Значајно е да се истакне дека пензиското штедење е долгорочен процес, чиј тек се случува постепено, но евидентно е  континуирано зголемување на заштедите.

    Целта на повеќестолбниот пензискиот систем е можност за обезбедување средства за старост од три извори  како и диверзификација (поделба) на ризикот, што е особено значајно имајќи предвид дека пензиското и инвалидското осигурување се одвива долг временски период и на тој начин ќе се обезбеди пристојна пензија за идните пензионери. Извор на податоци: www.mapas.mk

    Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

    Важни совети за штедење кои важат и за младите

    Сите во одреден момент се прашуваме: како да заштедиме пари? Штедењето не само што обезбедува чувство на слобода и флексибилност, туку може да ги задоволи основните потреби особено во време на криза. Ако можеби планирате да започнете свој бизнис или да работите онлајн како хонорарец во иднина, сега е време да размислувате за првите чекори. Доколку започнете на време, надополнувањето на вашата штедна книшка ќе ви стане навика.

    Еве неколку совети кои ќе ви помогнат да ги преземете првите чекори за штедење.

    Прво, одговараме на прашањето колку треба да бидете штедливи?

    Не постои универзален одговор на ова прашање бидејќи зависи од мноштво фактори. Најпрво направете листа на сите финансиски обврски, потоа издвојте ги вашите желби од основните потреби. Така ќе знаете каде можете да го намалите вишокот трошоци.

    Може да помогнат и онлајн апликациите за следење на трошењето и категоризирање на обврските со што ќе имате јасна слика колку трошите на: намирници, превоз, облека и слободно време.

    Откако ќе добиете објективен увид во вашите месечни приходи и расходи, ќе можете да истражувате за пореални опции за штедење. Започнете, на пример, со правилото 50/30/20 при првото покачување на платата. Според ова правило, половина од платата треба да оди за плаќање на месечни обврски, како кирија и месечни сметки, 30% оди за желби, а 20% за заштеди или отплата на долг.

    Совети за заштеда на пари

    Откако ќе одредите колку буџет имате на располагање, време е за вистински заштеди. Верувале или не, штедливоста може да се претвори во еден вид зависност кога ќе видите дека вашата штедна книшка се пополнува. Поставете си мерливи цели. Ако точно знаете за што штедите – да купите стан, куќа или автомобил – тоа може вистински да ве мотивира. Ако ги распределите вашите заштеди за различни цели, ќе ви биде полесно да се држите до планот.

    На кратко, за да штедиме ефикасно и ефективно, треба:

    • Редовно да правиме преглед на трошоците
    • Да ги дефинираме нашите приоритети
    • Да штедиме и размислуваме за нашата иднина
    • Да планираме однапред
    • Да ги поедноставиме работите

    Македонскиот пензиски систем се состои од три столба, вие како опција за штедење можете да го го избирате третиот столб – доброволното капитално финансирано пензиско осигурување. Имајќи ја предвид флексибилноста на доброволното пензиско штедење, каде секој може да ја одреди висината на уплати за штедење, динамиката на уплати, без никакви обврски, имате можност да ја пронајдете идеалната заштеда според вашите потреби.

    За сите подетални информации во врска со доброволниот пензиски фонд посетете некои од пензиските друштва.