Назад

Учениците од „Здравко Цветковски“ ќе се грижат за шестиот Пензиски парк

Денес пензиските друштва заедно со учениците од средното училиште „Здравко Цветковски“ во Скопје го засадија шестиот „Пензиски парк“. Во рамки на акцијата која е дел од кампањата „Засади желба, за поубава иднина“, по чистење на училишниот двор беа засадени 15 средно созреани листопадни садници.

Досега, преку акциите за информирање и едуцирање на младите за придобивките од членувањето во задолжителниот и доброволниот пензиски фонд организирани од страна на Сава пензиско друштво а.д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје и Триглав пензиско друштво а.д. Скопје, нови зелени паркови никнаа во средните училишта „Св.Кирил и Методиј“ во Охрид, „Кочо Рацин“ во Свети Николе, „Јане Сандански“ во Струмица, „8-ми Септември“ и ,,Д-р Панче Караѓозов” во Скопје.

Денешната еколошка акција официјално ја отвори Слободанка Киселовска, помошник директорка во „Здравко Цветковски“, со обраќање до присутните.

Примарна цел на еден родител е да го подучува и насочува своето дете кон одговорно живеење и континуирано вложување во својата иднина. Упатувам голема благодарност до пензиските друштва поради тоа што се однесуваат родителски кон сите нас.

Оваа кампања „Засади желба, за поубава иднина“ беспрекорно ја отсликува и нивната грижа за младите генерации. Сите знаеме дека едукацијата на младите е многу важен фактор за нивна поубава иднина, токму затоа како училиште топло ја прифативме поканата да учествуваме во оваа кампања.

Ние со години наназад се грижиме за средината во која нашите ученици се едуцираат и многу вложуваме во уредување и раззеленување на училишниот двор. Верувам дека учениците ќе ја прифатат пораката на оваа кампања, ќе се однесуваат одговорно кон својата иднина и ќе се грижат за животната средина.“ – истакна Киселовска.

Од пензиските друштва велат дека со создавањето на секој нов „Пензиски парк“ расте нивниот мотив за дополнителни напори и инвестиции, со цел што е можно повеќе училишта да бидат вклучени во акциите преку кои на младите им се пренесува пораката за активниот удел кој тие го имаат во градењето на поубава иднина за себе, но и во создавањето на поздрава околина за целата заедница.

Најпрво, дозволете ми да се заблагодарам на помошник директорката на училиштето и на сите вас кои сте овде денес и ќе ни помогнете заедно да го засадиме шестиот по ред Пензиски парк, како дел од едукативната кампања „Засади желба, за поубава иднина“.

Ние, како пензиски друштва веруваме дека иднината е резултат на чекорите кои ги преземаме денес, дека со секоја денешна инвестиција сме чекор напред кон обезбедување на поквалитетни денови во иднина.

Исто како што пензиското осигурување ни обезбедува подобри услови во пензионерските денови, така секое ново засадено дрвце е една вредна инвестиција која ни дава поголема сигурност за здрава средина кон која целиме, а воедно ќе нуди сенка и засолништво за идните наши внуци и правнуци.

Здравата животна средина е една важна тема која претставува заеднички интерес на сите нас, нешто што сите нè засега и за што сите треба да се грижиме. Ни претставува особена гордост и задоволство што заедно ја реализираме оваа активност, а истовремено и даваме придонес за едукација и подигнување на еколошката свест кај младите.

Посакуваме оваа акција да прерасне во традиција и заедно ние, вие и следните генерации да ги уживаме бенефитите од истата. “ – изјави Сузана Бошковска Златаревска од КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје, како претставник на пензиските друштва.

По двете успешно завршени акции овој месец, пензиските друштва најавуваат нови садења од септември.

Сите информации и активности поврзани со кампањата „Засади желба, за поубава иднина!“ се достапни на веб страната www.penzija.mk   

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk